Зорица ни ја открива својата суперхеројска моќ – СедиДома

Нашата супер хероина бр.16 ни раскажува како се адаптира на новата ситуација. Прочитај и дознај која е нејзината нова суперхеројска моќ – СедиДома.

Како се навикна на новонастанатата состојба да седиш дома? 
Во изминатите години, поради работни обврски постојано патував и живеев брз живот кој не ми дозволуваше да уживам сама со себе и со семејството. Јас сум благодарна што новонастанатата ситуација ми даде можност да се приберам дома и да престанам да бидам постојано во трка со времето.

Што е тоа што те мотивира овој период?

Тоа што ме мотивира овој период е фактот дека и ова ќе помине. Една година од сега ќе се сеќаваме дека сме имале можност во период од 2 месеци да седиме дома, да се смееме со најблиските, готвиме и уживаме во домот. Ова навистина ќе помине, а ние повторно ќе се вратиме на брзиот живот а Скопје повторно ќе стане хаотично од гужви и автомобили. На сите ни требаше овој одмор, а највеќе на природата и требаше да одмори од сите нас.

Што откри/дозна/спозна овој период додека си дома? 

  • Започнав да ја ценам слободата која што ја имавме сите пред некое време.
  • За време на викенд карантинот, 30 минути прошетка со кучето ми се вистинско уживање.
  • Креативноста во кујната ми се зголеми. Можам да. направам различни оброци од leftovers и да биде превкусно.
  • Зголемена самодисциплина – благо, чоколади и грицки се сведени на минимум.

Како го поминуваш сега слободното време, а да не си во природа со точак, на трчање,планинарење? 

Се запишав на онлајн вежбање со Елена Бубало и признавам никогаш поредовна не сум била откако вежбам од дома. Практикувам трансцендентална медитација 2 пати до денот, по 20 минути наутро и навечер и можам да кажам дека многу ме смирува и отргнува од секојдневните непријатни вести. Социјалните медиуми ги сведов на минимум и се посветив на готвење, уредување на домот, книги и серии.

Што имаш да им препорачаш на нашите Challengers и на сите останати граѓани? 

Овој невидлив непријател Корона вирус ни даде на сите нас една одлична лекција, дека е време да престанеме да се натпреваруваме едни со други. Доколку имате можност, помогнете на постарите со пазарење, нахранете бездомно животно и почитувајте ги препораките на СЗО. Толку многу страници со бесплатни аудио книги, филмови, театарски претстави ни се на располагање, а наше е само да останеме дома и да спасиме човечки живот.