Денешната работна средина се одликува со две, истовремено спротивставени карактеристики: од една страна динамична работна атмосфера, која што бара голема концентрација и фокус, односно зголемена ментална активност кај вработените, а од друга страна, минимална физичка активност на вработените во текот на работниот ден, бидејќи работните обврски најчесто се извршуваат во седечка положба.
Познато е дека физичкото здравје е предуслов за добро ментално здравје и благосостојба, па оттука произлегува и потребата и одговорноста на компаниите за грижа и поттикнување на здрав и активен начин на живот меѓу вработените. Една едноставна и достапна активност, која што може да има значително влијание врз здравјето и благосостојбата на вработените е пешачењето.
Во овој блог пост, ќе ги истражиме придобивките од пешачењето за вработените и зошто, како работодавци, треба да ја поттикнеме културата на пешачење во нашите компании.
Ќе започнеме со придобивките од пешачењето за физичкото здравје.😊
Пешачењето е вежба со низок интензитет, што нуди бројни физички здравствени придобивки. Поттикнувањето на вработените да пешачат повеќе, може да помогне за:
- подобрување на кардиоваскуларното здравје и намалување на ризикот од срцеви заболувања;
- намалување на крвниот притисок и нивото на холестерол во крвта;
- подобрување на мускулната сила и издржливост;
- зајакнување на метаболизмот и помош во одржување на телесната тежина;
- зајакнување на коските и спречување на остеопороза;
Ова се само неколку од придобивките од пешачењето за физичкото здравје. Но, подеднакво важни се придобивките по менталното здравје и емоционалната благосостојба, па така, редовното пешачење може:
- да ги намали нивоата на стрес и анксиозност;
- да ги подобри расположението и самодовербата;
- да ја подобри когнитивната функција и да ја поттикне креативноста;
- да ги зголеми нивото на фокус, менталната јасност и будноста.
Редовното пешачење не носи само индивидуални здравствени придобивки за вработените, туку истовремено ја унапредува и работната средина и атмосфера.
Поттикнувањето на вработените да пешачат заедно може да придонесе кон градењето на тимот и кон подобрување на соработката на работното место. Групните прошетки или состаноците во движење можат да обезбедат неформален и опуштен амбиент за вработените да се поврзат, да разменуваат идеи и да градат односи. Сето ова придонесува кон подобрување на комуникацијата, соработката и севкупниот тимски дух.
Со вклучување на пешачење на паузите во работниот ден, работодавците можат да им помогнат на вработените да го одржат нивото на енергија во текот на денот.
Промовирањето на пешачењето како wellness активност, испраќа моќна порака до вработените дека нивната севкупна благосостојба се цени. Тоа покажува дека работодавците им даваат приоритет на физичкото и менталното здравје на своите вработени, што доведува до зголемено задоволство и ангажираност во работата.
Можеби се прашувате на кој начин можете да започнете со градење на култура на пешачење во вашата компанија? Ние одлучивме грижата за благосостојбата на вработените да ја споиме со грижата за животната средина и така ја креиравме Триглав Зелена Лига. Првата корпоративна зелена лига во земјата, која што има за цел да поттикне нашите вработени и клиенти да ги заменат автомобилите со пешачење или возење велосипед како до работното место, така и во слободното време. И мораме да се пофалиме дека досега имамe одлични резултати: 550 учесници, 111456.46 зелени километри и 52.4 тони заштедени CO2 емисии во воздухот.
Да направиме заедно чекор кон поздрава иднина, со охрабрување на вработените да чекорат по својот пат кон благосостојба и поздрава животна средина!
Весна Аго Димитрова
Раководител на Служба за кадровски и општи работи
Триглав Осигурување