Триглав Зелена Лига – од идеја до иницијатива за зелена мобилност

Како дојде до идејата за создавање на Триглав Зелена Лига и кои се целите што сакате да ги остварите?

Ѓорѓе Војновиќ: Триглав Зелена Лига е спој на нашите стратешки императиви и корпоративната визија, како и насоката за  преобликување на нашата корпоративна култура. Во неа се вградени нашиот фокус на клиентите и нивното искуство со Триглав, како и настојувањата постулатите на одржливиот развој да ги вградиме во сите сфери од нашето делување. Триглав Зелена Лига е краен резултат на нашата грижа за добросостојбата на нашите вработени, желбата да ги наградиме нашите лојални клиенти, како и определбата да градиме здрави навики и да придонесеме кон заштита на животната средина. Таа е наш начин да ја нагласиме потребата за промени.

Триглав Зелена Лига започна како идеја за придобивка, што би била исклучително корисна и стимулативна како додадена вредност за нашите корпоративни клиенти и за вработените, а прерасна во иницијатива за зелена мобилност, којашто сите нас нѐ повикува и предизвикува да се менуваме, бидејќи само на тој начин градиме иднина, каква што нашите деца заслужуваат. Сакавме да изградиме заедница, којашто ќе придонесува, влијае, едуцира и шири позитивни промени и убеден сум дека сме на вистинскиот пат тоа и да го реализираме, а натпреварувачкиот дух, којшто го вградивме во неа секако додава доза на забава и чувство на заедништво за сите учесници.

Олга Рајчиќ: Уште од самиот почеток идејата на Challenger е да поттикне одржливи и еко активности по пат на игра и натпревар. Креирањето на некаков тип на бизнис лига каде компаниите меѓусебно ќе се натпреваруваат отсекогаш беше дел од нашиот план, но бидејќи како мал тим мораме да поставуваме приоритети, идејата некое време ја чувавме во фиока.😊 Кога со Триглав започнавме да разговараме за соработка, брзо увидовме дека имаме многу слични стратешки цели и дека сега е вистинскиот момент за да ја активираме идејата за бизнис лига. Така се роди и идејата за Триглав Зелена Лига.

Потоа секако следеше период на технички подготовки како и на brainstorming како да ја направиме лигата што е можно поинтересна за сите учесници. Мисијата на Challenger е градење на заедница за позитивни промени, а Триглав Зелена Лига е уште еден доказ дека заедно можеме да направиме повеќе.

Како функционира Триглав Зелена Лига? На кој начин се вклучуваат компаниите?

Ѓорѓе Војновиќ: Триглав Зелена Лига е проект на лојалност, што Триглав Осигурување, во соработка со Challenger, го започна за вработените и за своите корпоративни клиенти, корисници на доброволно здравствено осигурување. Таа е заеднички годишен предизвик за заштеда на 365 тони на емисии на CO2. Ги повикавме нашите клиенти, да ни се приклучат со своите вработени во предизвикот и преку замена на автомобилот со здрави навики, како пешачење, или возење велосипед, да придонесат кон зададената цел. Досега во проектот се вклучија 27 компании, поминавме заедно повеќе од 300 илјади зелени километри и заштедивме повеќе од 80 тони емисии на CO2. Секако, се надеваме дека лигата ќе продолжи да расте и дека и други клиенти на доброволно здравствено осигурување ќе ги препознаат предностите од учество во проектот, како за нив како компании, така и за нивните вработени.

Во оваа прилика би сакал да им се заблагодарам на сите учесници, кои го препознаа потенцијалот на овој проект и одлучија да ни се приклучат. Би сакал да им порачам дека се вистинска инспирација и им посакувам што подобри резултати. Воедно им честитам на сите досегашни Еко-Херои, се надевам дека ќе продолжат со истото темпо.

На кој начин вработените индивидуално се вклучуваат во Лигата? Како можат да го следат својот придонес кон остварување на целта?

Олга Рајчиќ: Секој вработен креира свој профил и се приклучува на својата компанија. Секоја вклучена компанија добива in-app ранглиста каде што вработените од таа компанија се натпреваруваат меѓусебно. Ова е интересен начин за меѓусебно натпреварување во самата компанија и дава можност за виртуелен тим билдинг. Дополнително сите вработени може да учествуваат во активните предизвици и да освојуваат награди и да го следат својот индивидуален придонес кон заштита на животната средина (поминати зелени километри и заштедени CО2 емисии во воздухот). Нашата цел е да се вклучат што е можно повеќе вработени и компании за да покажеме дека заедно можеме да направиме многу повеќе.

Какви се плановите за развој на Триглав Зелена Лига?

Ѓорѓе Војновиќ: Кога станува збор за промени, кои влијаат на нашето здравје, на нашите навики, на животната средина, на односот што го имаме кон себе и кон средината, мораме да размислуваме долгорочно. Мораме да покажеме желба и посветеност, упорност, фокус, но и трпеливост, затоа што промените не се едноставни и не се случуваат преку ноќ. Триглав Зелена Лига е првиот заеднички чекор во реализација на целите, што како компанија, но и како заедница, ги поставивме како приоритет и се надевам дека ќе продолжиме со креирање и поддршка на проекти кои мотивираат и иницираат позитивни промени. Секако би сакале лигата да продолжиме да ја развиваме и да го зголемиме нејзиното влијание, затоа што е одлична алатка за мотивација во потребната насока и како механизам во потполност се вклопува во нашите корпоративни стратешки цели. Но, сега сме фокусирани на постигнување што подобри резултати во тековниот предизвик и секој зелен километар нѐ радува и го доживуваме како успех.