СуперХерој #25

Запознајте го Живко, тој е нашиот нов СуперХерој. Го користи Challenger од самите почетоци, а ние се гордееме што е дел од нашата заедница.

Како се запозна со Challenger?

Со Челинџер апликацијата се запознав кога почна нејзиното бета тестирање. Влегов во бета тестирањето, недела дена бев доста активен но потоа за жал престанав. Откако заврши бета тестирањето, јас не пешачев редовно и едноставно не ја користев апликацијата. Но, почна да ја користи тетин ми (72 годишен пензионер). Тетин ми е поприлично активен за возраста – пешачење, трчање, планинaрeње. Нема што не освои и нема со кој сè од Челинџер не се запозна за да ги земе наградите (хаха). Подоцна го „заразивме“ и братучед ми 🙂

Колку километри неделно поминуваш пешки или пак на велосипед?

Јас почнав да ја користам на 2 август 2021 затоа што решив да шетам по 10км на ден. Тие 10 станаа 15. 15 станаа 20. 20 станаа 25 километри… скоро секој ден. Март 2022 направив околу 1000 километри односно по 33 километри на ден. Тоа се околу 6 часа пешачење секој ден. 587 денови ја користам Челинџер и пишува дека сум поминал 9500 километри. 16-ина километри на ден. На генералната ранг листа сум 8 место.

Што е тоа што те мотивира да бидеш физички активен?

Јас сум заразен со овие активности а Челинџер дефинитивно беше и останува една од моите најважни мотивации.

Би сакал да упатам голема благодарност до Стефан, кој го имам малтретирано мал милион пати и секогаш ми излегувал во пресрет. Исто така и до Елена од која најчесто ги земам наградите. Секогаш сме се договарале без никакви проблеми и односот бил најкоректен. Голема благодарност и до Олга и Теодора со кои исто така имав неколку контакти. Ма поздрав до сите вас, алал да ви е! Не можам да се пофалам дека нешто посебно ја зачувувам животната средина, затоа што работното место ми е на 2 минути од дома па не е дека сум го заменил автомобилот или нешто, но сепак.
Големо благодарам и до сите фирми кои нудат попусти и даваат награди преку Челинџер.

Што имаш да им препорачаш на другите идни и сегашни корисници?

Една порака би сакал да испратам до сите кои сакаат да го променат начинот на живот, да ослабат и да се чувствуваат подобро – пешачете! Потценето е, навистина. Не си смислувајте изговори, ставете во глава дека пешачењето или било која друга активност што вам ви годи и ви е интересна и можете да ја правите секој ден, ќе биде најдоброто нешто што сте го направиле за вашиот живот.