Q&A со Олга од Challenger

Во овој блог запознајте ја нашата Оља и прочитајте како таа ги памети првите месеци со Challenger, предизвиците, научените лекции, а и препораки за сите оние кои сакаат да ја започнат својата стартап приказна.

 

Од кога си дел од тимот на Challenger и која е твојата позиција?

Јас сум третиот член на тимот Challenger (некако изгледа бројот три е мојот среќен број)! 😊 Се сеќавам дека се пријавив на Startup Weekend Skopje без да имам бизнис идеја. Отидов да се запознаам со луѓе и да видам дали е можно за еден викенд да направиш прототип од идеја. Сè уште се сеќавам на моментот кога им пријдов на Теодора и Стефан да им се приклучам на тимот бидејќи идејата ми изгледаше интересна. Од таа вечер па се до денес заедно ја креираме оваа заедничка приказна и секоја година тимот расте на што сум особено среќна, бидејќи Challenger го промени мојот живот и професионалната кариера. Јас сум во тимот се она што го гледаат нашите корисници и клиенти. Одговорна сум за продажба, маркетинг, ПР, пичување, подготовка на проектни апликации, остварување соработки со организации и соработници.

На апликацијата почнавте да работите уште во 2018. Како ги памтиш тие први месеци?

Се сеќавам на првата средба со нашиот прв дизајнер во дворот кај Доде (така ја викаме Теодора нагалено😊). Памтам дека бевме возбудени и едвај чекавме да видиме како идејата ќе стане реалност. Се сеќавам на првите напишани ПР текстови, на првиот повик за нашите први тестери, како да беше вчера. Како што растеше Challenger така и јас осознавав и учев толку многу работи. Како и на секој почеток правевме грешки, но многу брзо учевме од истите и го имплементиравме наученото. Се сеќавам дека денот кога ја лансиравме апликацијата официјално го следевме растот на бројот на корисници буквално секоја втора минута. Иако не беше така како што очекувавме сепак секој нареден корисник ни значеше многу, а особено кога почнаа да не контактираат и првите бизниси за соработка. Имавме премногу мали, но важни победи кои ги славевме, но имавме и тешки моменти од кои заедно успеавме да испловиме. Ова искуство е навистина незаменливо и едвај чекам да видам што ќе ни донесат наредните месеци кога влегуваме и на нови пазари.

Кои беа најголемите предизвици со кои се соочивте како тим во изминатите 4 години?

Се соочувавме со најразлични предизвици: мал број на корисници, технички предизвици-багови, пандемија, недоволен број на клиенти, мала продажба, негативни коментари, скептицизам кај бизнисите за нови решенија и продукти итн. Создавањето на производ од нула беше ново искуство за секој член од тимот и имаше моменти каде што мислевме дека сме ја лансирале апликацијата во погрешно време, па можеби и на погрешен пазар. Се соочивме со пандемија каде фирмите во еден момент ги „замрзнаа“ своите маркетинг буџети што секако се одрази финансиски на нашата работа, но не се откажавме. Во оние моменти кога се соочувавме со најголеми предизвици, онаа позитивна тврдоглавост и упорност не донесе до нови решенија како што е spinoff производ Challenger@Work. Секако имаше периоди каде што секој од нас е соочуваше со лични дилеми во однос на работата и губење на мотивација, но благодарение на сите предизвици ми се чини дека заедно созреавме многу како професионалци и како личности.

 Кои според тебе се најсилните страни на Challenger тимот кои ви носат успех во работењето?

Нашата најсилна страна е што не се откажуваме дури и тогаш кога изгледа дека е невозможно. Воедно гледаме да вложуваме во луѓето кои работат со нас и бираме луѓе кои имаат работна етика, а воедно и го сакаат нашиот производ и приказна. Како и секој тим се соочуваме со различни животни и професионални предизвици, но зборуваме за истите и заеднички бараме решенија. Имаме различни темпераменти во тимот и токму тоа ни дава еден одличен баланс. Меѓусебното разбирање, професионалност, продуктивна тврдоглавост, барање решенија кога изгледа дека ги нема е тоа што го прави овој тим уникатен.😊

 Кои беа најголемите предизвици за тебе лично?

Во овие поминати години имавме неколку проекти со кратки рокови, непроспиени ноќи, премногу научени лекции и огромен workload, кој мене лично ме донесе и до период на прегореност. Имаше моменти кога имплементирав различни стратегии кои не носеа успех и се чувствував беспомошно, но да не беше тоа немаше да го имам искуството и лекциите кои ги носам денес со мене. На самиот почеток бев човек за сите работи и лесно губев фокус, но затоа денес сум среќна што полека направивме тим околу себе кој ни помага во многу важни процеси, а со тоа јас можев да го зголемам својот фокус на стратегијата и продажбата. Заедно со Доде се водиме по мантрата „If you get tired, learn to rest, not to quit“. Секој ден е нов предизвик од кој учам толку многу за себе, за пазарот, добивам нови вештини и добивам нови информации и токму затоа сум премногу благодарна за ова one-in-a-lifetime искуство.

Кои се плановите за во иднина за Challenger?

Наредниот период Challenger почнува со работа на нови регионални пазари (Хрватска, Босна и Херцеговина, Косово, Бугарија, and some other more but we will keep you posted) Moментално започнуваме со разработка на нови функционалности за можеме да понудиме повеќе активности кои ќе ги мотивираат корисниците да живеат одржливо, а од друга страна ќе им помогне на компаниите да ги следат своите општествено одговорни активности. Нашата цел е да создадеме платформа преку која ќе им помогнеме на компаниите заедно со нивните вработени да имаат уште поголемо влијание во средината во која делуваат. Јас верувам дека наредните 12 месеци ќе слушате многу новости и успеси за Challenger бидејќи оваа приказна штотуку започнува да расте.😊

Кој совет би им го дал на други млади претприемачи кои се подготвуваат да лансираат свој производ/услуга на пазарот?

  • Не се откажувајте дури и кога се невозможно. Направете чекор назад, согледајте што ви кажува пазарот, зборувајте со потенцијалните клиенти и видете како може вашиот продукт да биде решение на нивни горливи прашања. Не се плашете од пилотирање и приспособување на вашата идеја/продукт/услуга.
  • Зборувајте за вашата идеја, бидејќи верувајте дека никој не може да ви ја украде, па дури и да ви ја украде (односно да ве имитира) верувајте ми вие ќе направите уште поуспешна приказна бидејќи ќе менувате работи и ќе се подобрувате. Зборувајќи за идејата можеби ќе си го пронајдете и вашиот тим, како што јас ги сретнав Стефан и Доде.😊
  • Бидете спремни на критики, тие се неизоставен дел од вашиот пат. Дел од нив прифаќајте ги како добронамерни, а дел од нив ќе ве допрат и можеби ќе ви го повредат егото, но на крај свртете се околу вас и видете што сте постигнале. Ние во тимот велиме и ако не успее оваа верзија, ќе направиме нова што ќе биде уште подобра од претходната.
  • Создавањето на нов производ/услуга е процес преку кој ќе созреете како професионалци и личности. Ова е искуство што засекогаш ќе ви го промени животот од секој можен аспект.
  • Не се плашите да згрешите бидејќи колку и да звучи клише, од грешките најмногу се учи. 😊