Q&A со Митко од Challenger

Следниот член на нашиот тим е Митко! Неговата “хаотична” приказна со Challenger започна од самиот почеток, како одговорен за се што се случува behind the scenes од технички аспект. Полесно ќе можете да се запознаете со неговата работа и амбиција, баш преку ова интервју! 👨🏻‍💻

 

Од кога си дел од тимот на Challenger и која е твојата позиција?

Од 2018 сум член и мојата позиција е Backend Developer.

На апликацијата почнавте да работите уште во 2018. Како ги памтиш тие први месеци?

Првите месеци ги памтам по, условно речено, хаосот на идеи кои ни надоаѓаа со секој изминат ден и огромниот фокус и енергија што го дадовме да го преточиме во производ.

Кои беа најголемите предизвици со кои се соочивте како тим во изминатите 4 години?

За нас најголем предизвик беше адаптацијата на производот на условите на пазарот. Влијанието на Covid-19  вирусот на самата економија направи да мораме многу брзо да се менуваме и адаптираме според новите услови кои ги диктира пазарот. Сето тоа фрустрира во моментот, но на долги патеки не направи доста агилни.

Кои според тебе се најсилните страни на Challenger тимот кои ви носат успех во работењето?

Комплементарноста и хемијата. Ние сме комплетен тим на луѓе, секој од нас специјалист во својата сфера, а заедно формираме една целина која може да изгради било каков производ. Ако на тоа му додадете дека ние одлично функционираме и се разбираме кога треба да донесеме заеднички одлуки, добивате една брза и ефикасна компанија.

 Кои беа најголемите предизвици за тебе лично?

Времето. Бидејќи сеуште ова го правам во слободно време, борбата да најдам време за да ги завршам обврските беше тоа што на моменти беше најтешко. Тоа неретко значеше жртвување на сон или денови за одмор.

Кои се плановите за во иднина за Challenger?

Моментално се шириме во соседните земји со доста брз раст, така да нашата стратегија е да станеме алатка која ќе се користи првично на ниво на Европа, а потоа и пошироко.

Кој совет би им го дал на други млади претприемачи кои се подготвуваат да лансираат свој производ/услуга на пазарот?

Да не бараат идеално решение, пред да се решат да го презентираат производот. После тоа самата побарувачка ќе ве насочи како да го доградувате. Македонија се повеќе има клима за млади компании, со акцелератори и грантови, не се срамете да побарате помош.