Второто интервју од нашиот тим е токму со Стефан, кој е „виновникот“ за пичувањето на идејата за Challenger токму на StartupWeekend Скопје каде започна целата приказна. Во продолжение прочитајте како се развиваше Challenger низ призмата на нашиот Стефан 🙂
Апликацијата е активна од 2018 година. Како ги памтиш тие први месеци?
Теодора ми се јави од нигде никаде и возбудено ми зборуваше за некоја идеја што ја имала. Сакаше да сум и правел друштво на некој настан што се викал Skopje Start Up Weekend, бидејќи наводно добро сум презентирал и не сум имал трема. Пред настанот се најдовме на пиво и ми ја презентираше идејата што подоцна се претвори во Challenger. Мене ме купи ентузијазмот на Доде и големиот потенцијал на идејата. На стартап викендот поминавме супер, а најголема победа таму ни беше што ја запознавме Оља. После настанот охрабрени од позитивниот feedback почнавме да се собираме по кафулиња и да ја рафинираме идејата. Така да првите месеци беа претежно кафе муабети и читања по интернет.
Кои беа најголемите предизвици со кои се соочивте како тим во изминатите 4 години?
Најголем предизвик беше да го преточиме нашиот ентузијазам во конкретен производ за кој може да наплатиме. При процесот на планирање на апликацијата ние многу се распленивме со идеи. Иако тие идеи нас ни беа логични не секогаш беа прифатени од корисниците. Голем предизвик беше да се фокусираме на потребите на корисниците и да ги приоретизираме нашите идеи.
Кои според тебе се најсилните страни на Challenger тимот кои ви носат успех во работењето?
Нашиот тим е прилично приспособлив на сигналите од пазарот. Поради тоа досега нашата апликација и бизнис модел поминаа низ неколку итерации додека го најдеме нашиот маркет фит. Овој пристап се должи на нашата посветеност и верба во Challenger. Секоја промена и нова стратегија ја дискутиравме темелно и со многу ентузијазам. Верувам дека тоа ни овозможи да опстанеме и пред сè да си дадеме поддршка едни на други.
Кои беа најголемите предизвици за тебе лично?
Јас во Challenger гледав прилика да си ги надградам техничките вештини преку изработка на Android апликацијата. Сепак мој најголем предизвик беше да се приспособам на бизнис светот. Да научам како мојот труд да го гледам низ призма на профит. Мислам дека сè уште учам.
Кои се плановите за во иднина за Challenger?
Сакаме Challenger да биде број еден алатка во Европа за воспоставување социјална одговорност во корпоративниот свет.
Кој совет би им го дал на други млади претприемачи кои се подготвуваат да лансираат свој производ/услуга на пазарот?
Би ги советувал да не чекаат многу со лансирање на нивниот бизнис. Вашиот производ или услуга никогаш нема да биде совршен. Желбата да го надградите и подобрите вашиот производ е еден од главните мотиватори во вашата претприемачка дејност. Но пред тоа вашата услуга/производ мора да генерира обрт со цел вашиот бизнис да има смисла. Токму затоа не треба многу да чекате, туку лансирајте што моментот кога ќе сметате дека може да направите некаква наплата. Потоа ќе ви се разјасни во која насока треба да го развивате вашиот бизнис.