Како Ана се адаптираше на состојбата и седењето дома

Ана ни раскажа како се адаптираше на ситуацијата, како го промени своето темпо и ги реорганизира своите обврски. Дознај и инспирирај се за некои нови работи кои можеш да ги пробаш додека се придржуваш кон мерките. Сега е поважно од секогаш да останеме дома.

Како се навикна на новонастанатата состојба да седиш дома? 

Поради состојбата и природата на мојата работа, моите работни обврски се намалени повеќе од 70% и затоа ми е неопходно да си најдам дополнителни занимации и мојот динамичен начин на живот малку да го успорам. Не беше лесно на почетокот, но веќе сум целосно навикната на состојбата и не ми претставува голем проблем. Контактите со пријателите може да се каже дека и повеќе се интензивираат благодарение на социјалните медиуми 🙂

Што е тоа што те мотивира овој период? 

Во нормални услови сум доста растрчана, правам многу работи надвор од дома и некои обврски ги имав целосно запоставено. Отсекогаш сум сакала да се чуствувам продуктивно и да знам дека правам нешто значајно така да сега се посветив на завршување на многу мои „незаврешни“ обврски кои можам да ги правам во мојот дом. Чувството на продуктивност и добро завршена работа ме мотивира да продолжам со тоа и да издржам. Исто така постојаната комуникација со извидниците и прилагодување на целата програма што ја имаме во домашни услови, ми дава особено позитивна енергија и мотивација да останеме сполотени и да продолжиме да ги живееме и промовираме извидничките вредности.

Што откри/дозна/спозна овој период додека си дома? 

Дека понекогаш ни е потребен одмор од „нормалниот живот“, треба да застанеме да бидеме благодарни за тоа што го имаме и да направиме рефлексија на сето она што ни се случува за да можеме да продолжиме напред. Открив многу нови алатки за комуникација, коишто ќе ги користам и во иднина и ќе ми го олеснат животот.

Како го поминуваш сега слободното време, а да не си во природа со точак, на трчање,планинарење? 

На почетокот на вонредната состојба си го средив балконот, си засадив цвеќиња и тоа сега е мојот мал природен рај кадешто си ги полнам батериите. Во однос на физичка активност, конечно мојот орбитрек го достигна врвот во својата кариера и секојдневно го употребувам.

Што имаш да им препорачаш на нашите Challengers и на сите останати граѓани? 

Прифатете ги работите што не може да ги промените, ќе ви биде полесно и ќе бидете посреќни. Оваа состојба е привремена и мора да истраеме со цел да се намали штетата од вирусот и сите здрави и живи да продолжиме со „нормалниот“ начин на живот. Верувам во тоа дека после оваа состојба сите ќе бидеме барем малку подобри луѓе, потрпеливи и повеќе ќе ја цениме слободата и природата.